Изложбата на фотографот Лука Мједа од Загреб, Хрватска, со едноставен наслов „Загреб“ е отворена во Музејот на градот Скопје. Претставени се 50 црно-бели фотографии во дигитален печат, создадени изминативе триесетина години.
– Мједа, на изглед ни го доловува само градот Загреб, меѓутоа, авторот на оваа изложба ја открива присутноста на градот преку архитектурата со негово ликовно експонирање. Човекот и не е важен во оваа изложба, тој се чувствува, претпоставува. Без колоритност во овие фотографии, но со голем визуелен ефект со изборот на светлото и темното, авторот е со интенција да се почувствуваат релацијата и вклопеноста на класичното и современото. Фотографиите како ликовни дела се посветени и се сведоштво за минатото и сегашноста со оставина за иднината, успевајќи да се регистрира присутноста, а да се почувствува отсутноста – велат од музејот.
Мједа е магистер на Машинскиот факултет и бродоградба во Загреб. По соработката со американските фотографи Мери Елен Марк, Мајкл О’Нил и Џери Уелсман на работилница во Загреб во 1975 година развива силен интерес за фотографија, станува член на фотоклубот „Загреб“ и ја започнува својата соработка со Јозо Ќетковиќ, мајстор за фотографија. Со повеќе од триесетина самостојни изложби и фотомонографии, Лука Мједа се наметнува како еден од најплодните хрватски фотографи.
Куратор на изложбата е Станимир Неделковски.