Фото: Душан Коцев/приватна архива

„Копнежот на светлината“ е изложбата на слики од Душан Коцев отворена во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“. Со изложбата Душан преку своите уметнички дела ја преточува својата визија во реалност.
– Во најдлабоките мракови на душата копнееме за светлина. Со надеж, нашите очи се вперени кон светлината. Копнежот нѐ води кон спасение – вели авторот.
Темата кон која со многу луцидност и творечка енергија се навраќа авторот уметник низ повеќе од дваесетината уметнички слики, изработени во акрилна техника на платно, на најсублимиран начин ни ја прикажува вечната борба меѓу доброто и злото, а во преносно значење меѓу светлината и темнината.
-Авторот целосно свесен за секојдневието во кое и денес човештвото вегетира, со многу опасности и контаминации, наспроти жртвата на бога земскиот живот да биде вековит и во блaагосостојба, испраќа порака дека светлината треба да биде нашиот единствен пат по кој чекориме ако сакаме да стигнеме до посакуваната цел – вели професорот Славчо Атанасов.
Душан Коцев годинава остварува 30 години активно творештво. Тој досега реализирал четири самостојни изложби, учесник е на повеќе од 35 групни изложби во земјава и во странство. Осум години е организатор на меѓународната Радовишка колонија и на безброј еднодневни колонии.

Ка.М.