Изложба во „Чифте-амам“
Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на франкофонијата, го најавува второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии“. Изложбата се отвора денеска, во 12 часот, во „Чифте-амам“.
Поставката ги претставува делата на втората генерација македонски уметници што реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и другите тогаш актуелни светски тенденции.
Оваа селекција се однесува на авторите, кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, па сѐ до шестата и седмата деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Димитрије Поповиќ–Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од колекцијата на Националната галерија.
– Уметноста на Париз и париската школа извршиле големо влијание развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век. Низ делата на основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова се разоткриваат сите влијанија и импресии за време на нивниот престој во Градот на Светлината. Поуките на париската школа во македонската модерна уметност се и повеќе од живи и се провејуваат низ делата на нашите најеминентни претставници на модернизмот. Париска школа е назив за сите уметници што по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност – велат од НГМ.
Изложбата ќе ја отворат Стево Пендаровски, претседател на Македонија, Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Македонија, и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија. Кураторка на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска во Националната галерија. В.Д.