Фото: З.А.

Вечерва со почеток во 19 часот, во уметничкиот салон од Центарот за култура во Кичево, ќе биде отворена изложбата на ликовниот уметник Филип Фиданоски од Скопје. Ова ќе биде една од серијата изложби посветени на големиот шпански уметник Пабло Пикасо по повод 140 години од неговото раѓање, а ги организира амбасадата на Кралството Шпанија.

Изложбата е со работен наслов „Пикасо можеби јас“ на македонскиот уметник Филип Фиданоски.

-На изложбата ќе бидат претставени 10 скулптури (портрети) изработени од керамика инспирирани од делата на Пикасо. На оваа изложба покрај скулптурите ќе бидат претставени репродукции на оригиналните дела на Пикасо, од каде нашиот уметник ја црпи инспирацијата за своите дела – информира Маја Николоска-Сиљаноска од Центарот за култура од Кичево.

Нагласи дека овој опус ќе можат да го видат и љубители на уметноста од Охрид, Куманово и Битола а најпрво беше претставена во главниот град.

Инаку Фиданоски е еден од основоположниците на „ Младинската керамичка работилница“, што осум години по ред се одржува во село Вранештица. З.А.