Завршија археолошките истражувања на локалитетот Селиште, кај селото Беловодица, во рамките на проектната програма на прилепскиот Завод и музеј. Според археологот Душко Темелкоски, кустос советник, се истражувале остатоците од средновековна црква.
Се потврди претходната претпоставка за нејзино егзистирање во 15 и 16 век. Според записите, таа му била посветена на Свети Никола и ја користеле жителите на селото Беловодица, кои поради чума го напуштаат и го оформуваат на околу 2 км кон југ, на локацијата каде што се наоѓа денес. Откриени се фрагменти од фрескоживописот и многубројна фрагментирана садова керамика. Од надворешната страна, покрај јужниот ѕид од црквата, се открија 13 гроба, од кои повеќето детски. Гробните конструкции биле оформувани со оградни и покривни камени плочи. Евидентирани се и антички мермерни наоди, жртвеник – ара, профилиран архитектонски елемент и уште еден архитектонски елемент вграден во јужниот ѕид од црквата – вели Темелкоски.
Присуството на мермерните наоди покажува дека на истото место каде што се наоѓа црквата или во нејзина непосредна близина, во античко време постоел храм. Подигањето христијански градби на исто место каде што егзистирале антички храмови е честа појава. Ка.М.