На Античкиот театар во Охрид, во присуство на многубројни домашни гости и гости од странство, свечено беше отворено 63. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација со интернационален предзнак, „Охридско лето“. Фестивалот започна со концертот на светски позната оперска дива од Романија, Анџела Георгиу, која настапи со Оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на извонредниот Чипријан Теодорашку од Романија. Најгламурозната оперска ѕвезда на денешницата Анџела Георгиу со својот прекрасен глас ги отпеа најпознатите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс и ја одушеви публиката. Таа се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски.
– Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот „Охридско лето“ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности – рече Пендаровски.

Фестивалскиот оган го запали директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, која пред две години ја доби титулата почесен делегат на Европската фестивалска асоцијација. Годинава, честа да ја пренесе уметничката порака ја имаше нашата реномирана уметница Бисера Чадловска – прва жена диригент во Македонската опера и балет, која неодамна ја одбележи 20-годишнината од својата уметничка дејност. Таа рече дека „Охридско лето“ повторно ќе биде медиум преку кој ќе говорат инспирацијата и креацијата, пренесени од интерпретацијата на уметниците, чија суштина на постоењето e перформативниот израз пред публиката.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање ги истакна заложбите на, како што рече, создателите на „Охридско лето“, луѓе со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност. Taa додаде дека фестивалот го надградуваа генерации и генерации целејќи кон совршенство, за нашето „Охридско лето“ да се етаблира во редот на најдобрите пет елитни фестивали во Европа.
− И три децении да се одржува на оваа престижна листа. И уметниците од светот самите да сакаат да учествуваат на „Охридско лето“. Па макар и да бидат на листата на чекање. Зарем тоа не е потврда?! Со благодарност кон основачите, можеме само да им оддадеме признание со зборовите – ја постигнаа целта − додаде Костадиновска-Стојчевска.
Како потврда за високиот квалитет и уметничко ниво, фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е дел од Европската асоцијација на фестивали, финансиски поддржан од Владата, Министерството за култура, Општина Охрид, а под покровителство на претседателот на државата.
Љубителите на уметноста во 40 фестивалски вечери ќе имаат можност да уживаат во концертите и театарските претстави со реномирани уметници од 20 земји од светот и, секако, уметници од Македонија. Од 12 јули до 20 август љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени, Античкиот театар, Долни сарај, предворјето на „Св. Софија“, црквата „Св. Софија“ и Центарот за култура ќе пречекаме над 1.000 уметници од над 20 земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет и уметници од Македонија. В.Д.