Лео Мартин, еден од најпознатите изведувачи од екс-Ју просторите, со автентичен глас, на „Охрид фест 2024“ ќе ја добие наградата за безвременски хит за композицијата „Одисеја“, голем евергрин, кој во Македонија ќе добие уште едно признание.
Инаку вистинското име на Лео Мартин е Милош Јовиќ, а во светот на музиката е многу долго од 1970-те години. Најголема популарност стекна во 1980-те, кога се роди „Одисеја“, која стана вистински евергрин, што се уште се пее и доживеа многу верзии.
– „Одисеја“ е вонвременска песна, ја пеат и стари ама и млади, на разни натпревари. Тоа е добро бидејќи и даваат надеж на добрата музика која се слуша. За жал, денес музиката повеќе се гледа одошто се слуша и тука престанува музиката. Што се однесува до фестивалското признание што ќе го добијам на „Охрид фест“, се разбира дека бев почестен што „Одисеја“ е прогласна за безвременски хит. Навистина ми е голема чест – вели Лео Мартин.
Биографијата на овој пејач со интернационалната кариера ја красат повеќе големи хитови, како што се: „Лаку ноќ драги“, „Ја те волим“, „Збогом“.
-Првите плочи почнав да ги снимам во странство во 1968 за Си-Би-Ес, „Let Me Stay“ и други песни кои пристигнуваа во Југославија. Домашната кариера ја започнав со песната „Волите се људи“ од Корнелије Ковач, потоа „Барбара“ од Вељко Вујичиќ, а потоа започна најуспешен дел од мојата кариера, соработката со Војкан Борисављевиќ- „Одисеја“, „Ја те волим“, „Збогом Кристина“, „Лаку ноќ драги“, „Добро вече мој животе“, „Песмо моја“ и други. Тоа е периодот на кој секогаш со задоволство се сеќавам – ни рече тој.
За тајната на својата долга и успешна кариера ,Лео Мартин вели дека освен дарбата, е во сериозниот пристап кон својот развој и надградба како пејач.
– Треба постојано да се работи, да се вежба, да се слуша музика. Во спротивно, се е со кус здив и претставува губење на време – вели Лео Мартин.
Тој посочи дека Македонија ја сака и оти повеќепати бил во нашата земја.
-Да, ја сакам вашата земја, бев многупати, а таму живее и мојот син со семејството. Своевремено, учествував на Скопскиот фестивал, и тоа со забележителен успех. Се сеќавам на песните „Да нема разделби“, „Билјана“… Во Охрид бев во рамките на турнеја на „Практична жена“ и тоа траеше една недела. Охрид е прекрасен, се радувам што ќе го видам повторно.