Фото: Ка.М.

Под мотото „Враќање дома“ од 9 до 16 јуни во Прилеп ќе сe одржи 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Концептот на годинашното издание, според уметничкиот директор д-р Ана Стојаноска, која денес во Прилеп одржа прес конференција е „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“. Годинашни добитници на наградата за животно дело на фестивалот се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.
Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Народно позориште од Белград ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.
-Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, програмата ја конципирав во четири различни програми: официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма. Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Ка.М.