Три нови возбудливи шпионски трилери, сместени за време на Втората светска војна, „Низ иглени уши“, „Клучот за Ребека“ и „Страчки“, од познатиот велшки писател Кен Фолет, излегоа од печат во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“.
Книгата „Низ иглени уши“, која првично била публикувана во 1978 година, е добитник на престижната награда „Едгар“ за најдобар роман, која ја доделува Американското здружение на писатели на мистерии. Во 1981 година е снимен филм базиран на книгата, со Доналд Сатерленд во главната улога. Дејството се случува во 1944 година. Во седмиците што му претходат на денот Д, сојузниците ги маскираат своите планови за инвазија со вешто изработени макети на бродови и авиони, а кои треба да послужат како мамка за непријателот. Ако им успее да слетаат на континентална Европа, сојузничките сили ќе добијат предност во војната што го пустоши светот со години и ќе ја добијат борбата против нацистичката закана.
Главниот лик со кодно име Ди Надел (Игла) е таен агент на Хитлер и ладнокрвен убиец со аристократско потекло. Неговото оружје е бодежот „стилето“. Во Англија тој ги дознава плановите на сојузниците за денот Д, но патем ќе биде разоткриен неговиот идентитет. Следува смртоносна потера.
Оставајќи зад себе траги од лицата што ги убил, Ди Надел со помош на чамец се обидува по секоја цена да стигне до германската подморница, од каде што ќе му ја пренесе важната порака на фирерот, додека МИ5 го следат во чекор. Патот ќе му го попречи единствено еден мал остров во екот на една дива бура и една извонредната млада жена што живее таму…
Романот „Клучот за Ребека“, уште по објавувањето во 1980 година, стана бестселер во Обединетото Кралство и во светот. Кодот споменат во насловот на книгата е навраќање на Кен Фолет кон познатиот тензичен роман „Ребека“ на Дафне ди Морие.
Дејството почнува во 1942 година. По едно макотрпно пешачење на главниот лик Алекс Волф низ Сахара, стигнува во Каиро, носејќи со себе примерок од „Ребека“ од Дафне ди Морие, еден смртоносен бодеж и траги на убиени лица зад себе. Познат како Сфинга во неговите кругови, Волф е нацистички шпион со брутална желба за успех по секоја цена.
Во меѓувреме, британската воена кампања во Северна Африка станува едвај одржлива. Под водство на Ромел, Германците сè побрзо се приближуваат, а извештаите на Алекс Волф за движењата на британските трупи и нивните стратегиски планови им даваат предност. Разузнавачкиот офицер Вилијам Вандам има задача да го фати Волф пред да бидат поразени Британците. Вандам бара помош од куртизаната Елени Фонтана, која се согласува да се обиде да го фати нацистичкиот шпион во замена за подобар живот во Палестина. Дали можат да го фатат овој извонредно лукав шпион пред тој да ги открие тајните на Каиро и да пропадне воената кампања?
Следејќи го „рецептот“ на бестселерите „Низ иглени уши“ и „Клучот за Ребека“, Фолет во 2001 година го објави романот „Страчки“. Станува збор за возбудлив и неизвесен трилер, сместен во најопасните денови од Втората светска војна. Две недели пред денот Д, движењето на Отпорот во Франција се обидува да уништи една телефонска централа од витално значење за комуникација на нацистите. Со големи последици, оваа мисија катастрофално пропаѓа.
Додека се наѕира инвазијата, Флик Клере, британска тајна агентка, предлага смел, но мошне опасен нов план. Таа, заедно со целосно женскиот тим наречен „Страчки“, сака да се инфилтрира и да ја неутрализира телефонската централа пред да стигнат сојузничките сили во Франција. Сепак, без да знае Флик, Ромел има назначено брилијантен ловец на шпиони, Дитер Франк, со задача да го разбие движењето на Отпорот, кој истовремено опасно ѝ се приближува на извонредно вештата Клере…