Од печат излезе деби-романот „Пештера“ од Максим Ристески, во издание на „Или-или“.
– Иако напати добива одлика на жанровска (трилер и детективска) фабула, благодарение на сугестивните ликови и увидот во нивниот внатрешен свет, романот напати добива и одлики на психолошки роман, а особен белег на нарацијата ѝ даваат многубројните дијалози меѓу ликовите, кои најчесто расправаат и дебатираат за улогата на религијата, филозофијата и уметноста во денешниот свет, така што романот со својата флуидност и разновидност вешто им се отима на сите обиди за строго разграничување во жанровска смисла. Во романот е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандарден и оригинален роман во современата македонска литература – вели во освртот кон романот Владимир Мартиновски.
Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Пештера“ му е прв роман, чиј зародок долго се формирал, но кога дошло вистинското време, го напишал во еден здив.