Од лево кон десно: Давид Димовски, Марија Велкоска, Сара Маневска, Борче Исакоски / Фото: Македонско географско друштво

Сребрен и два бронзени медали освоија македонските средношколци на 15. Светска олимпијада за геонауки IESO-2022. Средношколката Марија Велкоска освои бронзен медал на Тестот за гео-знаења и сребрен медал за Проектна презентација за Земјата-истражување во рамките на меѓународен тим ученици, а средношколецот Борче Исакоски, освои бронзена награда за Презентација на идеи за изучување на Земјата.

Оваа олимпијада е една од 13-те светски признаени олимпијади на знаења, која по двегодишна пауза поради пандемијата, се одржа онлајн од 26 до 31 август 2022 година, под покровителство на Меѓународната Унија за геонауки и земјата домаќин – Италија.
На неа учествувале речиси 200 средношколски ученици и 150 ментори од 35 држави на сите шест континенти.
Во организација на Македонското географско друштво, на Олимпијадата покрај Марија Велкоска и Борче Исакоски, се натпреварувале и Сара Маневска и Давид Димовски, под надзор на двајца ментори и еден набљудувач.

Давид Димовски и Марија Велкоска Фото: Македонско географско друштво

– Мора да се напомене дека и останатите двајца ученици (Сара Маневска и Давид Димовски), за време на подготовките и самиот натпревар, беа максимално посветени, учествувајќи во сите натпреварувачки секции и дополнителните едукативни настани –  посочуваат од друштвото.

Учениците – гимназијалци биле избрани со селекција на државниот натпревар по географија и дополнителен избор според покажаните знаења.

– Нивната стручна подготовка се одвиваше во периодот мај-август од страна на д-р Ивица Милевски и д-р Свемир Горин. Техничката организација на националната подготовка, беше изведена со помош на д-р Билјана Апостоловска Тошеска, сите професори на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје – велат од географското друштво.

Оттаму велат дека со оглед на скромните услови за подготовка, задоволни се од постигнатиот успех на Македонија на оваа олимпијада.

– Учеството на Олимпијадата не направи сите побогати со нови доживувања, нови искуства и нови пријателства. Задоволни од успехот, со верба дека можеме и повеќе, веќе се размислува за учество и развиорување на македонското знаме на следната Олимпијада во 2023 година. На учениците пак, им посакуваме успешно натамошно школување, професионално усовршување и успех во она што ќе го изберат како животна определба – додаваат од географското друштво.