Построги контроли на боледувањата најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински. Тој информираше дека до Управниот одбор ќе биде доставена предлог-измена на Правилникот за боледување, со која треба да се зајакнат механизмите за контрола и да се спречат потенцијални злоупотреби.
Една од предложените измени е намалување на периодот за кој матичниот лекар може да издаде боледување – од сегашните седум на пет дена.
– Не сакаме да направиме систем којшто е построг, туку сакаме да направиме систем којшто е правичен – рече Перински.
Тој посочи дека само во август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари биле за породилни отсуства, а остатокот за други видови боледувања.
– Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата – истакна директорот на ФЗО.
Според Перински, пет дена би биле доволни за обезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето преку соодветна процедура. Паралелно, се предвидува олеснување на постапката за лицата кои поради здравствената состојба не можат физички да дојдат за да го регулираат боледувањето.
Фондот планира и заеднички контроли со други институции, меѓу кои Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи.
Контролите ќе се вршат по пријава од работодавачите, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го затекне осигуреникот на домашната адреса, ќе биде оставен документ со кој лицето се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение. За случајот ќе биде известен и работодавачот.
Перински информираше дека во досегашните контроли биле утврдени неправилности кај околу 30 проценти од испитуваниот примерок на боледувања во МВР, по што биле изречени парични казни. При крај е и анализата на боледувањата во Министерството за одбрана, а злоупотреби, според него, сè почесто се регистрираат и во приватниот сектор.
– Темата боледување и породилни отсуства секогаш е сензитивна во јавноста. Нам не ни е идејата да ги спречиме правата на боледување, туку да спречиме злоупотреба во рамки на искористувањето на боледувањето – порача Перински.
За 2026 година, во буџетот на Фондот се предвидени 6 милијарди и 454 милиони денари за боледувања и породилни отсуства.
Перински информираше и дека мерката со која се овозможуваат до шест обиди за биолошки потпомогнато оплодување веќе дава резултати.
Од над 1.880 реализирани обиди, 237 се однесуваат на четвртиот, петтиот или шестиот обид.
Фондот анализира и промена на финансискиот пакет за еден обид, со идеја за поголема индивидуализација на пристапот при издавањето ваучери за прв, втор и трет обид.
– Целта е да го зголемиме процентот на можност во првите обиди да имаме позитивен исход од целата процедура – објасни Перински.
Планирано е овие промени да почнат да се применуваат од 2027 година, по дополнителни анализи и обезбедување финансиска и медицинска поддршка.
Како дополнително олеснување за пациентите, ФЗО ќе предложи и промена на рокот за реализација на рецептите издадени од дежурните служби.
Наместо сегашното правило според кое рецептот треба да се реализира истиот ден, односно најдоцна до полноќ, Фондот ќе предложи неговото важење да биде продолжено на 24 часа.
































