Педесетта меѓународна научна конференција во Охрид
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Охрид ја организираше 50. Меѓународна научна конференција на која беше промовиран Зборникот од минатогодишното издание на конференцијата, во кој на над 500 страници се објавени нови трудови од областа на македонистиката. На тридневниот научен собир работеа лингвистичката секција и секцијата за литература и култура, на кои беа презентирани близу 70 нови научни трудови. Од двете секции произлегоа нови научни согледби и заклучоци што ќе се влог во македонистичките проучувања, со нови анализи, истражувања и исчитувања и од странските посветеници на македонистиката.
Централните теми на конференцијата беа делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и стогодишнината од раѓањето на Шопов. Конференцијата е дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата.
На конференцијата беа опфатени и традиционалните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Во изминатите децении, токму овие теми се издвојуваа како најголем предизвик за странските македонисти, балканисти и слависти при учеството на конференцијата, при што се произлезени и стотици научни трудови со важни согледби за спецификите на македонскиот јазик, литература и култура.
Од конференцијата ќе биде објавен и зборник, кој се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период, имајќи ги предвид бројот на учесниците и рефератите, но и фактот дека ова конференциско издание е единствено од областа на македонистиката и по бројот на земји од кои има учесници.
Во поздравното обраќање, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги изрази својата радост и своето спокојство за безбедноста на нашата јазична средина, за силината на македонскиот јазик, чии специфики преку оваа конференција научно се поткрепени и поддржани од домашни и од странски македонисти.
– Оваа меѓународна конференција, со сите учесници низ изминативе 50 години – македонисти, слависти, балканолози од земјава и од целиот свет – создаде семејство пријатели на македонскиот јазик, кое е природен бедем, семејство што има големо срце, почит и љубов кон македонскиот јазик, култура и историја – рече министерката Костадиновска-Стојчевска и потенцираше дека се постигнати целите од основачкиот акт на конференцијата, па затоа светската јавност е одамна запознаена со научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литературата и културата, научниците слависти се зближуваат, родени се трајни професионални врски и пријателства низ целиот свет, а секоја година се создаваат нови.
На Меѓународната научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и годинава учествуваа голем број истакнати професори, кои дадоа придонес со своите трудови во лингвистичката и во литературната секција. Големото семејство македонисти продолжува да ја развива македонистиката, која е еден од најважните столбови на државава, на македонскиот идентитет и посебност. Меѓународната научна конференција се одржа во две сесии, а со министерката за култура, учесниците ги поздрави директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска. В.Д.