Годинашниот летен „Европски филмски предизвик“, кој ќе го однесе победникот на Филмскиот фестивал во Венеција, ќе го одбележат филмските фестивали во државата, почнувајќи со „Синедејс“ од 13 до 18 јули, потоа со „Бич филм фестивал“ од 19 до 23 јули и со „Македокс“ од 18 до 25 август.
Од 2019 година „Европскиот филмски предизвик“ е достапен и за нашата публика и низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница на љубители на европскиот филм и инди-киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европските остварувања. „Европскиот филмски предизвик“ денес е достапен за повеќе од 100-милионска публика во 12 држави од Европа вклучувајќи ја и Македонија.
Правилата се исти, во тек на 10 недели, од 19 јуни до 27 август да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во киносали, телевизија или на легални платформи за што се добиваат различен број поени. Проектот за Македонија го имплементира центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – „Креативна Европа“ и „Европската филмска индустрија“.
– На нашата публика би ѝ препорачале да не биде селективна и да биде поотворена кон гледање и промовирање на европскиот филм, кој е подостапен од кога било. Да ги користи социјалните медиуми за позитивни наративи и за ширење на нашите филмски остварувања. Да оди на кино и да ги посетува филмските фестивали, кои од година на година нудат сѐ поширока и поквалитетна програма со престижни европски филмови. И, секако, да игра во предизвикот зашто искуството на филмските фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Сараево и сл. е незаборавно доживување – порачуваат организаторите.