Во рамките на музичката програма на фестивалот „Скопско лето“ вечерва, во 20.30 часот, во фоајето на Националната опера и балет ќе настапат пијанистот Уве Матшке и виолинистката Данае Папаматеу–Матшке од Грција, со изведба на неколку прекрасни дела на класична музика за виолина и пијано од истакнати грчки композитори.

Обожавателите на класичната музика ќе имаат исклучителна можност за првпат во Скопје да ги проследат делата „Шепот на ветрот“ од Димитрис Терзакис, „Мала суита од популарни грчки мелодии од Додеканезите“ од Јанис Констадинидис и сонатите за виолина и пијано од Борис Папандопуло и францускиот композитор Сезар Франк, во изведба на двајцата виртуози на пијано и виолина.

Гостувањето на уметниците од Грција е во организација на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Скопје во соработка со фестивалот.
Пијанистот Уве Матшке е роден во Германија, а студирал на музичката школа „Франц Лист“ во Вајмар и на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Од 1987 година живее и работи во Грција, каде што е професор по пијано на Катедрата за музичка наука и уметност на Универзитетот во Солун, а член е и на солунскиот Државниот симфониски оркестар. Виолинистката Данае Папаматеу-Матшке е една од најперспективните грчки виолинистки од помладата генерација. Родена е во Атина, а студирала на универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург и на Универзитетот во Хамбург. Докторирала на Универзитетот во Солун. Данае Папаматеу-Митшке настапува со виолина создадена од Карло Фердинандо Ландолфи во Милано во 1760 година.