Во Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Носталгија на изолацијата“ на Филип Коруновски. Делата прикажуваат на што се посветија луѓето за време на изолацијата од пандемијата, кои беа нивните интереси, хобија, преокупации, што открија за себе… Од технички аспект, овие дела се создадени како студија на современите технологии за визуелно изразување. Конкретно, дигиталното цртање и сликање е предизвик за реинтерпретација на вековно старите ликовни техники и принципи, како од графички, цртачки и сликарски аспект.
– Овој пат, Филип Коруновски дава една перспектива на „носталгијата“, не само како емоционална состојба туку и како визуелна и естетска постапка. Од една страна, неговите ликови претставуваат стереотипи на едно не толку дамнешно минато, претставено преку позите, гестовите и дејствата што ги извршуваат самите ликови. Од друга страна, со визуелниот израз што го користи, Коруновски како да ја исмева, или во најмала рака, како да ја проблематизира оваа, толку позната на денешниот човек, емотивна состојба – вели рецензентот Деан Дамјановски.