Во тек е меѓународниот фестивал „Книжевен круг“, во организација на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „Инаку“ од Скопје, на кој се очекува да настапат повеќе од педесет македонски и странски автори.
Фестивалот почна во вторникот со читање хаику поезија на десетина автори од цела Македонија, во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, пред ученици од прва и втора година. За посебен придонес на планот на хаику творештвото му беше врачена наградата „Хаикин“ на писателот Александар Прокопиев.
Свеченото отворање се случи вечерта во 19 часот во културниот центар „Феникс“ со одржување на „Вечерта на чајот“ и читањето класична кинеска поезија. Присуствуваше и кинескиот амбасадор во Македонија Џанг Ѕуо, кој на присутните им се обрати со пригодна беседа.
Им беше врачена наградата „Отворен круг“ на писателот Трајче Кацаров – за иновации и експерименти во книжевноста и наградата „Премостувања“ на писателот Томислав Османли – за афирмација и презентација на македонското литературно творештво во странство. Вечерта заврши со средбата и претставувањето на наградените автори.
Следниот ден, исто така во Културниот центар „Феникс” во 19 часот, беа врачени наградите „Литературни координати” на писателот Иван Војиновиќ од (Црна Гора) – за соработка и доближување на литературите и наградата „Македонски корени“, на писателот Владо Јаневски, кој живее и создава во Австралија, за неговото литературно и ликовно творештво, а настапија и повеќемина писатели кои создаваат во земјава и во странство.
Меѓу писателите со одломки до своид ела се претставија: Емилија Тодорова (Австралија), Билјана Челик, Драгица Пандиловска, Александар Прокопиев, Слаѓана Ставрева, Андреја Дојчиноски, Зинка Трендовска, Чедомир Б. Шопкиќ, Рамче Мустафа (Шпанија), Бојан Тодоровски, Ратка Богдан (САД), Вера Андон, Весна Дамчевска – Илиевска, Лилјана Стоилковска, Викторија Велева, Лидија Размоска Тримовска и Христо Петрески.
Меѓународниот фестивал „Книжевен круг ќе заврши на 4 јуни во Општината Кисела Вода со претставувањето на автори и илустратори на книги за деца и млади и доделувањето на наградата „Големиот принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади, а ќе бидат презентирани и литературни и ликовни творби од ученици на тема „Културно наследство”.