Фото: Факултет за туризам и бизнис логистика

Во првата секција на панелот, посветена на Бизнисот и економијата, свои излагања имаа експерти кои дадоа свои видувања за состојбата на секциската тематика во Македонија. Главната говорничка и модераторка Габриела Кулебанова ја истакна потребата од развивање на вештини кај младите луѓе и поинтензивна соработка на бизнис секторот со образованието, уште пред чинот на дипломирање:
-Важна е соработката меѓу Комората и факултетите. Важно е студентите за време на студирањето да имаат можност за вистинска пракса, нивно оспособување за пазарот на труд, како и отвореност на бизнис секторот за овие најмлади кои имаат потреба теоријата да ја надоградат со најновите техничко-технолошки промени, со цел да се зголеми продуктивноста и економскиот раст и развој.

Проф. д-р Татјана Бошков своето излагање го насочи на Индексот на економски дискомфорт, гледајќи го како економски и политички предизвик.
-Индексот на економски дискомфорт познат како показател на економската благосостојба на една земја, во економијата и политиката се користи и за предвидување на социјалните прашања, како што се криминалот, сиромаштијата, стапката на самоубиства, па дури и резултатите од изборите. Претпоставката е дека поголемата невработеност, влошувањето на инфлацијата и трошоците за задолжување создаваат економски и социјални трошоци – или мизерија – за една земја, но тоа се компензира со растот и вработеноста. Во оваа насока, јавната политика е клучна со своите опции и решенија да обезбеди реформи и пат за минимизирање на економската беда, како една од главните цели на сите економии во последните децении. Истражувањето потврди дека индексот на мизеријата е толку висок за Македонија што секоја година ја рангира нашата земја на повисока позиција, а тоа значи дека збирот на лошите параметри инфлацијата, невработеноста и кредитирањето има многу поголема вредност во однос на добрите параметри (БДП по глава жител), потврдувајќи ја исклучително лошата економска благосостојба. Невработеноста е главниот проблем за ваквата состојба во Македонија и има директно влијание врз животниот стандард на нашето население. Тргнувајќи од фактот дека јавната политика игра важна улога во справувањето со економската мизерија, владата треба да ги користи инвестициите како алатка за надминување на економската мизерија преку значително подигнување на нивото на инвестициите, со чија помош ќе се неутрализираат лошите параметри во Македонија.

Проректорот Џидров ја потенцира важноста на студиските програми, влијанието на дигитализацијата и како да успееме да бидеме во чекор со технолошките промени во произведувањето на кадар за пазарот.
-Дигиталната трансформација, вклучувајќи го и дигиталниот пристап за студентите, е неизбежна. Потребно е да се прифатат онлајн платформите за учење и да се интегрираат образовните технологии. За да одговорат на овие барања, универзитетите треба да ги адаптираат своите програми и методи на учење, со воведување на флексибилни пристапи како што се хибридно учење, асинхрони наставни методи и индивидуално управување со студиските патеки. Исто така, треба да се понудат различни формати на учење, вклучувајќи кратки курсеви, микро-обуки и сертификати за учење – изјави проф.д-р Џидров.

-Во последните години забележливо е дека буџетските трошоци растат со побрзо темпо во однос на буџетските приходи со што се зголемува буџетскиот дефицит, а сето ова води кон зголемување на државниот и јавниот долг.Потребна е фискална консолидација на буџетот преку зголемена контрола на наплатата на приходите и трошењата на државните пари – истакна д-р Анита Стамнова од Министерството за финансии.
-Потребата за квалификациите на вработените драматично се менува. Во 2030 ќе бидат потребни нови 360 илјади експерти за телекомуникации, ИТ и ИТ безбедност. Примената на AI драматично навлегува и прави сериозни промени во бизнис моделите и потребите за работна сила во компаниите – се произнесе д-р Огнен Фирфов од Македонски Телеком АД Скопје
За тоа кои се бенефитите од родовата еднаквост за економскиот раст свои излагања имаше директорката на Халк Осигурување АД Скопје, г-ѓа Соња Паневска која истакна:
– Кога се обезбедува рамнотежа во учеството на жените и мажите во работната сила и бизнисот, се стимулираат иновациите и креативноста, што резултира со подобра конкурентност на компаниите и економијата во целост. Освен иновации и креативност, бенефитите се согледуваат и во продуктивноста и растот на потрошувачката моќ – рамнотежа на половите во работната сила значи поголема финансиска независност за жените, што води кон поголема потрошувачка моќ во општеството.