На меѓународниот натпревар по пијано PIANO KEY („Пијано клавиш“), кој ќе се одржи во Скопје на 14 декември 2024 година, ќе се натпреваруваат повеќе од 80 учесници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и САД. Натпреварот ќе се одржи во КИЦ – Салон 19:19, со почеток во 9 часот и 30 минути.
Скопје ќе биде домаќин и центар на талентите по пијано.
PIANO KEY – International Piano Competition е прв меѓународен натпревар посветен на пијаното во Скопје, во организација на Здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, Скопје, а уметнички директори се д-р Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип, и м-р Светлана Димитриевска, наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје.
Учесниците ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини, во соодветни категории. Натпреварувачите во категоријата онлајн предизвик ќе ги оценува реномирана интернационална комисија, составена од еминентни професори и пијанисти, етаблирани во музичкиот свет: Драгомир Братиќ (Србија), Данијел Ото (Хрватска) и Илинка Манова (САД, Македонија). Комисија за изведба во живо ја сочинуваат педагози и пијанисти со високи педагошки достигнувања: Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Катерина Ќетковиќ Фидановска и Цури Колос.
Завршниот концерт на највисоко рангираните учесници на натпреварот и свеченото доделување на наградите се на 14 декември 2024 година, во КИЦ, Салон 19:19, во 19 часот и 30 минути, според следната агенда:
–  19:30 – 19:45 – Обраќање на организаторите д-р Ема Попивода и м-р Светлана Димитриевска и обраќање на Амбасадорите на Јапонија и Австрија, Отсука Казуја и Мартин Памер
–  19:45-20:30 – Отворање на свечениот концерт со настап на јапонскиот Амбасадор Отсука Казуја со композицијата „Сакура, сакура“
–  Настап на победниците
–  20:30-21:00 – Свечено доделување на дипломите
Натпреварот е поддржан од Амбасадата на Јапонија и од Амбасадата на Австрија во земјава. По тој повод ќе бидат доделени и специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски и најдобра изведба на дело од австриски композитор. Овие награди ќе ги доделат амбасадорите Казуја и Памер. Поддршка за македонската класична музика доаѓа и од семејството Цаневи, кои ќе доделат награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор, Благој Цанев.

Линк до веб-страницата: https://www.pianokey.com.mk/home