Мултисензорната изложба „Музеј за сите- сликите можат да се допрат, сликите зборуваат“, составена од 16 тактилни панели, е изложена во Мала сала на НУ Завод и музеј Битола.
Оваа изложба е продолжување на проектот „Музеј за сите“, во кој преку примена на современи решенија, се подобрува пристапноста до музејските содржини.
Досега се опфатени повеќе од 100 предмети од музејската поставка, кои со соодветен опис и квалитетни фотографии, се поставени на веб страната на музејот.
На овој начин, овие предмети се прават достапни 24/7 за сите „онлајн“ посетители ширум светот, а во исто време преку употреба на кјуар-кодови во музејската поставка, се збогатува приказната за секој музејски предмет.
Дополнително, за секој предмет се изработени и видеа на знаковен јазик наменети за лицата со оштетен слух и тактилни паноа за лицата со оштетен вид.
Тактилното пано е составено од тактилна слика за музејски експонат од НУ Завод и музеј Битола, пропратена со опис на Брајово писмо. Описот клучен елемент за разбирање на тактилната слика од страна на слепите лица и голем проблем претставува непознавањето на Брајово писмо.
Нов момент во изложбата, која моментално е изложена во Мала сала на НУ Завод и музеј Битола, е употребата на NFC тагови, кои во комбинација со паметен телефон, им овозможуваат и на лицата што не знаат да читаат Брајово писмо, да можат самостојно да ја посетат изложбата.