Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот, вели режисерката и сценаристка Кумјана Новакова
„Молкот на разумот“ – филм за
насилството врз жените во Фоча
Премиера на филмот „Молкот на разумот“ ќе се одржи утревечер, во 20 часот,
во киното „Фросина“ во МКЦ. Станува збор за форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото. По проекцијата на филмот следува дискусија водена од филмската критичарка Петра Метерц.
– Базиран исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, „Молкот на разумот“ дејствува како меморијата: недостижна, флуидна, надвор од рамките, се движи во сите правци – просторни и временски. Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот – вели режисерката.
Филмот е добитник на наградата за најдобра режија на програмската секција „Енвижн“ на меѓународниот фестивал на документарен филм ИДФА во Амстердам годинава, на наградата за човекови права на Филмскиот фестивал во Сараево и на наградата на најхрабар филм на Филмскиот авторски фестивал во Белград. Специјално признание му е доделено на Филмскиот фестивал во Торино. Режијата и сценариото се на Кумјана Новакова, монтажата на Јелена Максимовиќ, дизајнер на звук е Владимир Живковиќ, графичкиот дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев, а филмот е во продукција на „Медеа“.
Кумјана работи во областа на филмот и уметноста од 2006 година. Таа е коосновачка на филмскиот фестивал „Право људски“ во Сараево, каде што е главна кураторка и директорка. Од 2018 до 2021 година го водела и филмското одделение на Музејот на современата уметност во Скопје. Како авторка, нејзиното истражување лежи помеѓу филмот и современата видеоуметност, често истражувајќи како подвижните слики се однесуваат на идентитетите, сеќавањата и колективното јас. Нејзиниот последен филм „Вознемирена земја“ (корежиран со Гилермо Карерас Канди) беше во потесниот избор за наградите на Академијата. Нејзиниот нов аудиовизуелен уметнички проект „Молкот на разумот“ ги следи искуствата на жените изложени на насилство во време на војна во поранешна Југославија и е награден со уметнички грант од БИРН.
Таа работи како вонредна професорка на магистерската програма по филм на Холандската филмска академија и следи докторски студии за современи уметности и медиуми во Белград. Моментално живее меѓу Сараево и Скопје. В.Д.