• Наградата „Роксан Стојанов“ е создадена со јасна мисија – да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога таа поддршка може да биде пресудна за нивниот понатамошен професионален пат. Заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание туку вистинска можност за учење, искуство, инспирација и за отворање нови врати, порачуваат организаторите

Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, младата балетска уметница Виола Имери, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со својата менторка Дафина Данилоска Кочевска.
Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од културниот центар „Интерарт“, Францускиот институт и од Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Македонија во Париз, часовници „Божиновски“ и фондацијата „Божиновски“.
Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамките на отворањето на 22. издание на „Танц фест“ – Скопје. Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ се одржуваат под покровителство на претседателката на Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.
Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметничка директорка на натпреварот. Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска.
Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на кампот СИД, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје, со што наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници.
Програмата за Виола во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим. Веќе на почетокот на престојот, Виола ќе отпатува во Евиан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамките на Музичките средби во Евиан, во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов.
Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, како и часови по современ танц и џез. Нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска ќе има можност да присуствува на дел од часовите. Програмата вклучува и посета на претстави во „Пале Гарние“, „Театар де ла Вил“, „Опера Бастилја“ и Кралската опера во Версај, како и средба со Роксан Стојанов и можност Виола одблиску да се запознае со секојдневието на ѕвездата на Париската опера.
Во рамките на престојот се предвидени средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и Н.Е. г. Игор Николов, амбасадор на Македонија во Париз. Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и важен пример за тоа како преку соработка меѓу културни институции, дипломатски претставништва, мецени и професионалци од уметничката сцена, младите таленти можат да добијат конкретни можности за меѓународен развој.

– Сакам од срце да се заблагодарам за заложбата и целокупната организација на натпреварот „Роксан Стојанов“. Навистина беше на завидно ниво. Заедно нè доближивте до остварување на еден сон. Ова е непроценливо искуство, кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евиан за нас претставува предизвик што со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови што би го опишале чувството. Длабок поклон и голема благодарност – изјави Дафина Данилоска Кочевска, менторка на Виола Имери.
Наградата „Роксан Стојанов“ е создадена со јасна мисија – да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога таа поддршка може да биде пресудна за нивниот понатамошен професионален пат. Заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание туку вистинска можност за учење, искуство, инспирација и за отворање нови врати, порачуваат организаторите.
Со овој престој, Виола Имери ќе има можност да настапи, да учи, да гледа врвни продукции и да се поврзе со уметници и професионалци од една од најзначајните балетски средини во Европа. Истовремено, нејзиното патување претставува силна порака до сите млади танцови уметници во земјата: посветеноста, талентот и трудот можат да донесат реални можности и меѓународни перспективи. С.Ј.