Фото: Нова Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со спроведување на реформите во енергетскиот сектор и воспоставување современа регулаторна рамка. По речиси 19 години примена на Правилникот за квалитет на течните горива, стапи во сила новата Уредба за квалитет на течните горива, со која се воспоставуваат прецизни стандарди за квалитет на течните горива, поголема сигурност за потрошувачите, фер услови за компаниите и поуреден домашен пазар, соопшти министерството.

Оттаму велат дека со новата Уредба се воспоставуваат јасни и современи правила за тоа какви течни горива можат да се пласираат на домашниот пазар, како се утврдува нивниот квалитет и како ќе се следи неговото почитување. За граѓаните, ова значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ќе ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет, а преку јасно утврдени правила и механизми за контрола дополнително се зајакнува заштитата на потрошувачите.

– Уредбата е донесена согласно член 257 став (1) од новиот Закон за енергетика, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, и претставува значаен чекор во модернизацијата на регулативата во оваа област.
Со неа детално се уредуваат видовите и карактеристиките на течни горива што можат да се пласираат на пазарот, начинот на утврдување на квалитетот, постапката за следење на квалитетот, како и обврските на сите учесници на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт. Особено значајно е што новата регулатива воспоставува еднакви правила за сите учесници на пазарот, со што се намалува просторот за злоупотреби и нелојална конкуренција. На тој начин компаниите што работат согласно законските прописи добиваат пофер и попредвидливо деловно окружување – се вели во соопштението.

Дополнително, како што информираат оттаму, примената на повисоки стандарди за квалитет на течните горива ќе придонесе и за намалување на штетните емисии во животната средина, што претставува важен чекор кон почиста животна средина и поодржлив енергетски сектор.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека донесувањето на новата Уредба претставува уште една значајна реформа со која Министерството воведува современи правила и воспоставува повисоки стандарди во секторот.

– По речиси 19 години ја заменуваме застарената регулатива со нова Уредба која носи јасни правила и стандарди. Нашата цел е граѓаните да имаат поголема сигурност во квалитетот на горивата што ги користат, компаниите што работат законски да бидат заштитени од нелојална конкуренција, а пазарот да функционира по јасни и еднакви правила. Ова е воспоставување ред – Така ги штитиме граѓаните, го штитиме чесното стопанство и градиме модерен и доверлив енергетски сектор- изјави министерката Божиновска.

Со донесувањето на новата Уредба, Министерството продолжува со имплементацијата на новиот Закон за енергетика и постепената замена на застарената регулатива со современи прописи кои обезбедуваат повисоко ниво на заштита на јавниот интерес, поголема правна сигурност и поуреден, поконкурентен и потранспарентен пазар на течни горива.