По иницијатива на Словенечката и Македонската асоцијација на кинематографери, викендов во Кинотеката на Словенија во Љубљана се одржа третото издание на фестивалот „БалКам“ (Балканска камера), на кој се прикажуваат филмови од поранешните југословенски републики, со акцент на кинематограферската работа и кинематограферите како автори.
На фестивалот учествуваше и Македонската асоцијација на кинематографери (МАК) при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), најстарото релевантно струково здружение од областа на филмското производство и другите аудиовизуелни медиуми, чии цели се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци што дејствуваат на територијата на Македонија и во странство, како и обезбедување континуиран развој на филмската дејност, стимулирање и унапредување на филмската професија, промоција на филмската уметност и култура во нашата земја.
Македонската асоцијација на кинематографери оваа година учествуваше со филмови што се снимени во Македонија од македонски кинематографери и поддржани од Агенцијата за филм на РС Македонија.
Дел од програмата на фестивалот беа краткометражниот игран филм „Северен Пол“ од кинематограферот Владимир Самоиловски, долгометражниот игран филм „Мими“ на кинематограферот Дејан Димески и студентскиот краток игран филм „Прогестерор“ на кинематограферот Димитар Атанасоски од ФДУ – Скопје, како и филмот „Тетовирање“ на кинематограферот Мишо Самоловски.