Лудвиг Куба - Судот во Скопје

Сто и шеесет години од раѓањето на Лудвиг Куба

Годинава се одбележуваат 160 години од раѓањето на Лудвиг Куба (1863 –1956), чешки сликар, музичар, етнолог, музиколог, писател, собирач на народни песни и почитувач на балканските традиции. Голема страст и животна определба му било да патува по словенските земји и да ги бележи и проучува нивните народни песни и инструменти. Неговото опсежно животно дело се состои од збирка народни песни на сите словенски народи во 15 тома (по еден за секоја словенска нација), стотици слики на кои се прикажани народни носии, обичаи и други теми, книги од неговите колекционерски патувања низ словенските земји… Остварил вкупно 17 студиски патувања на Балканот, првото уште во 1890 година, а во Македонија престојувал по Првата светска војна, во 1925 и 1927 година, кога веќе имал над шеесет години. Затоа на патувањата низ Македонија за првпат го носел со себе и синот Марио. Речиси секогаш патувал на свој трошок, иако имал финансиски тешкотии, така што морал да прекине да објавува цели 30 години, а патувањето низ Македонија и Србија било негово прво патување по оваа пауза.
Поради својата етнографската различност, гледал на Македонија како на „целиот Балкан во минијатура“. Македонија му била важна и од аспект на односите со Бохемија (чешкото кралство) бидејќи ја сметал за лулка на словенската литература, откако христијанството, пишувањето и пишаниот старословенски јазик во Бохемија ги донеле апостолите Кирил и Методиј во 863 година, што и денес се слави во Чешка како национален празник. Но бидејќи тогашните односи со Македонија биле недоволно развиени, одлучил и покрај поодмината возраст да замине на авантуристичко патување во Македонија. Иако не бил првиот што собирал народни песни на овие простори, сепак во времето на неговото патување сè уште не бил објавен опсежен зборник. Своите студии за овие песни ги објавил во монографијата „Јужнословенска песна“. Во Чехословачка неуморно ја промовирал македонската култура.

Лудвиг Куба – Трпко Иванов
Гиновски од Галичник

Лудвиг Куба многу авантуристички ги опишува своите патувања во голем број написи во весници и во обемните патописи од 1932 година, „Читајќи за Македонија“ (која содржи и 20 репродукции во боја на неговите слики на обични луѓе), полна со шарени приказни за локалното население што покажува колку му се допаднала оваа земја. Во книгата се доловуваат и голем број факти за историјата, народните традиции и животот во Македонија. Англиското издание на книгата е објавено во Њу Делхи, Индија, во 1981 година („Книга за Македонија“). Во Македонија повторно е објавена во 2007 година под наслов „Книга за Македонија – патувања и студии од 1925 до 1927 година“. Ги усогласил македонските песни за пијано и глас, ги превел на чешки јазик со Јан Худец и објавил 31 од нив (мелодии и текстови) во Прага во 1928 година како посебен том бр. 14 од неговото животно дело. Покрај збирката песни, Куба создал и обемна збирка слики што ги прикажуваат секојдневието на луѓето, народните носии и локалниот пејзаж.
Сликарското дело на Лудвиг Куба е малку потценето во Чешка, но во последниве десетина години одново е популаризирано. По повод 160- годишнината од неговото раѓање, годинава неговите дела може да се видат на пет одделни изложби само во Чешка. Во добро познатиот централен боемски спа-град Подебради – родното место на Лудвиг Куба и чест мотив на неговите слики – во моментов се поставени две посебни изложби. Особено е интересна изложбата во Полапскиот музеј, која е главно посветена на Словените на Балканот. Бидејќи примарниот интерес на Лудвиг Куба бил документирање народни носии и традиции, сликите, покрај нивниот јасен уметнички квалитет (од реализмот во пораниот период до импресионизмот во подоцнежниот период) носат и извонредна етнографска вредност, внимателно се насликани секој детаљ, секое копче и секој вез на облеката. Во Чешка периодов се одржуваат и низа други културни манифестации во чест на овој истакнат етномузиколог.

Јарослав Куба (роднина на Лудвиг Куба), специјално за „Нова Македонија“ од Прага.