„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска. Книгата содржи материјали од оставината на основоположникот на македонското граматичарство, автор на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Во оваа книга се објавени текстови за развојот на македонскиот литературен јазик; обраќања при одбележувањата на годишнини од првата македонска граматика; текстови од методиката, историјата на македонскиот јазик, за изучувањето на македонскиот јазик на Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград) во 1947/1948 година, за развојот на други литературни јазици, собрани материјали за населението и границите на Македонија, белешки за карактеристиките на македонскиот јазик, како и текстови за некои културни обележја и историски моменти на македонските градови и села. Оваа книга е втора со оставината на Круме Кепески, првата – „Статии и анализи за македонскиот јазик“, е објавена во 2014 година, во издание на „Македоника литера“.
Круме Кепески (1909 – 1988) во 1945 година работи на првата македонска граматика, која од печат излегува во почетокот на 1946 година. Ангажиран бил во различни курсеви, предавајќи македонски јазик, а потоа бил избран за професор на вишепедагошкиот курс, кој траел една година, за да се оформат првите наставници. Од 1949 година до пензионирањето во 1977 година, со мали прекини, бил професор по македонски јазик, методика на македонскиот јазик и старословенски јазик на Педагошката академија во Скопје. За својот најзначаен придонес за македонскиот јазик – авторството на првата македонска граматика, Круме Кепески запишал: „Со здобивањето на нашата национална слобода… со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток како на нашта просвета, така и на нашата култура… Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите“.