Константин Плевнеш и Марија Пијанманов –Плевнеш
Специјално од Париз за „Нова Македонија“

На 28 мај се навршуваат 9 години од заминувањето во вечноста на Маја Ангелу (1928-2014), легендарната фигура на афроамериканската култура која не преставува да ја бранува и инспирира уметничката сцена на глобалната култура.
Нејзините бројни дела во книжевнста, теататарот и музиката, почнувајќи од нејзинта книга „Јас знам зошто пее птицата во кафезот“, стануваат духовен поттик за уметниците од сите меридијани, бидејќи во нејзиниот свет се преплетуваат соништа за вистината и правдата, кои секојдневно се доведуваат во прашање кога ја гледаме реалноста на светската историја на интерконтинентално ниво. Независно од фактот што во нејзината младост таа се вклучи во борбата за правата на афроамериканската реалност во САД, од визиите на Малком Икс и Мартин Лутер Кинг, пред убиството и неговиот говор „Јас имам сон“, ја инспирираат Маја Ангелу да тргне во своето африканско ходочастие.
Во тоа големо патување таа се претвора во Сонце-маченик на африканските земји и станува симбол на спротивставувањето и слоганот на 1968, „да бидеме реалисти да го бараме невозможното“ станува кредо на нејзиниот живот.
Високото вреднување на Маја Ангелу во последните децении од нејзиниот живот во САД, останува и денес да зрачи со една вечна светлина, во овие времиња на нуклеарните закани за иднината на човештвото.
Светските медиуми „Вашингтон пост“, „Лос Анџелес тајмс“, „Њујорк тајмс “, „Гардијан“ и француската ревија „Мари-Клер“, ја прогласуваат за мудрец на светската култура.
Во сите овие девет години по нејзиното заминување на небото, таа не престанува да грее и во Европа, токму во градот на светлината, Париз, каде неодамна беше овековечено нејзиното име со отворање на „Центар на Асоцијации за човечки права“ во 12-тиот Арондисман.
Астрономите именуваа астероид со нејзиното име, а кратерот на планетата Меркур го носи нејзиното име. Не престануваат да ја слават секаде во светот, каде голем број народи ја поистоветуваат со борбата за зачувување на нивниот идентитет и песната Изгревам повторно секој ден, се вклучува и во македонскиот сон за правата на Македонците во соседните земји, како Бугарија и Грција, кои оставени на цедило од политичките елити, ја живеат секојдневно нејзината бесмртна песна, која за првпат се објавува на македонски јазик.

ИЗГРЕВАМ ПОВТОРНО СЕКОЈ ДЕН

Вие можете да ме понижите за Историјата
Со вашите горчливи и жестоки лаги
Можете и да ме газите во калта
но Наспроти сè јас не паѓам, изгревам повторно секој ден

Дали мојата посебност го буди бесот во вас?
Зошто вие ликувате со вашата божемна тага
Да ме гледате да чекорам
како да имам Нафтени извори во мојата Дневна соба?

Просто како месечината и како сонцето што изгреваат катаден
Со сигурноста на морската плима
Со сигурноста на човечката надеж што блика од мене
и јас изгревам повторно секој ден

Вие сакате да ме видите тотално скршена од бол
Со наведната глава и затворени очи
Моите раменици да паѓаат како реки од солзи што течат по
моето лице
Да ме видите срушена во длабоко ридање и липање

Дали мојот презир ви задава рани?
Не чувствувајте се воопшто лошо
Кога ме гледате како се смеам
Како да имам рудници на злато
Во мојата градина?

Вие можете да ме срушите со вашите зборови
Да ме сосечете како со остри сабји со вашите очи
Да ме убиете со сета ваша бескрајна омраза
Но како и самата природа јас не паѓам никогаш
а изгревам повторно секој ден!

Дали мојата чувствителност го предизвикува вашиот бес?
Дали ќе бидете во голема изненада ако ме видите дека среќно
танцувам
како да имам дијаманти околу слабината над
моите недра?

Наспроти сите напластени срамови што ги оставате зад себе
на историјата
Јас изгревам како сонцето секој ден
Излегувам со крената глава од
едно минато исполнето со бескрајна болка
Се кревам и простум стојам
Оти јас сум Црн Океан
што се бранува и во бескрајот се шири
Јас бликам и ја носам плимата која ќе покрие сè
Оставајќи ги зад себе сите бескрајни ноќи на терор и на
страв
Изгревам
наспроти се
кон едни бели мугри
облеани со бескрајна светлина
Изгрејсонце сум
Со најубавите дарови што моите далечни предци
ми ги оставиле во наследство
Јас сум сонот и надежта на Човекот-Роб
Се кревам ден и ноќ
И секогаш простум исправено стојам
Изгревам како сонцето повторно и секој ден
и ќе изгревам и изгревам наспроти се
ќе изгревам, ќе изгревам, ќе изгревам