Седумдесет и пет години театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп
Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставите што ги поставува на сцената веќе 75 години отвора вистински прашања, коментира, просветлува, возбудува, открива, воспоставува систем на вредности, бранува, иако работи во неповолни услови и само со 11 актери. Така е и денес, кога се одбележува 75-годишниот роденден. Впрочем, тоа е и улогата на театарот особено сега, во модерното време, да поставува нови предизвици. А годишнината ќе се одбележува од денеска до 23 февруари, со манифестацијата „Недела на театарот“, на која ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања до Ученикот“. Притоа, освен претстави од театарот, ќе се изведат и претстави од НТ-Битола, Велешкиот театар, театарот „Златен Елец“, а простор им се дава и на младинците од „МТЦ-зона“.
Прва претстава „Кир Јања“
Завесата на театарот „Војдан Чернодрински“ се кренала со премиерната изведба на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Потоа, низ годините се ределе премиерите еднаподруга, за да се стигне до бројка од околу 350 премиери со над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,6 милион луѓе. Во театарот имало и падови и успеси, но низ годините многубројните актери од ансамблот во секојдневната пракса се збогатувале со искуство.
Досега во театарот, според статистичките податоци, режирале 70 режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави ги потпишал режисерот Благоја Дамески. Потоа 24 претстави режирал Коле Ангеловски, а од поновата историја 15 претстави режирал прилепскиот режисер Кирил Петрески. Најмногу од авторите бил поставуван Нушиќ, дури 15 пати, од кои трипати на сцената се одиграл текстот „Нажалена фамилија“.
Во седум и полдецениското опстојување, најгледаната претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, премиера во 1984 година, изведена над 110 пати. Веднаш по неа е „Од кол на кол 1“ (2007-2008), исто така во режија на Коле Ангеловски, која шест години се играше на сцената.
Најголем успех театарот постигна со „Тапани во ноќта“ (2008), која се закити со три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ (2009). Исто така „Кавкаскиот круг со креда“, во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“. Голем успех бил постигнат и со „Од главата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Спиро Црне“, „Колобан“, „Арсениј“, „Полковникот птица“ и други, а во последните години со претставите „Змејовата невеста“, „Дупло дно“, „Клетници“, „Хамлет“..
Промотор на домашното драмско творештво
На сцената од театарот „Војдан Чернодрински“, кој од 2004 година работи во рамките на ЦК „Марко Цепенков“ и актерите се надеваат дека не само што ќе добијат нова зграда туку и ќе станат „вистински театар“, низ годините се случувале праизведби на текстови од македонски драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн. Биле поставувани пиеси од Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…
И кога веќе се одбележуваат 75 години театар „Војдан Чернодрински“, редно е да се напомене дека, како домаќин на МТФ „Војдан Чернодрински“, повеќе од десетина пати бил добитник на престижните фестивалски награди.