Во галеријата на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија е отворена изложбата „Циклус 19 II“ на ликовната уметница Христина Зафировска. Изложбата е составена од сликарски дела во мал формат, насликани со акрилни бои, и е второ самостојно претставување на авторката во Бугарија.
Академската сликарка Христина Зафировска, преку својот циклус од 19 дела на темата „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек настанати од пандемијата. Целиот серијал од 19 епизоди, кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување. Креативните дела од овој циклус се изработени во акрилна техника – мал формат, симболизирајќи ја микроскопската големина на вирусот, кои се дополнети со мали парчиња што се пробиваат низ површината. Концептот на делата е осмислен и наративен, а просторот рационално искористен. Тоа е постигнато преку заемна синтеза на топли и ахроматски бои, конкретно компониран цртеж, со што доаѓа до израз графичкиот импулс на уметницата.