Со прекрасна програма и внимателно одбрани дела од композиторите: Моцарт, Бричалди, Бифтинг, Боца, Бертомие и Гајат синоќа младите флејтисти од квартетот „Аулос“ ја разгалија кавадаречката публика и приредија прекрасен концерт во домот на културата „Иван Мазов Климе“.

Квартетот флејти „Аулос“ кој на македонската музичка сцена е присутен речиси 14 години го сочинуваат дипломирани флејтисти или флејтисти од класата на реномираниот професор по флејта Страшо Темков и низ годините составот на ансамблот се менува. Моментално дел од квартетот „Аулос“ се четворицата мади флејтисти: Јана Каевска ,
Пандорка Јанаќиева , Ангела Димковска и Александар Лолески кои всушност ја претставуваат новата надежна генерација на квартетот.

За време на своето постоење ансамблот има постигнато значајни резултати и и има одржано многу концерто во Македонија и во регионот. Дека станува збор за исклучително талентирани млади музичари потврда се освоените први награди на меѓународните натпревари по камерна музика во Скопје и Ваљево – Србија во 2008 и 2009 година по што следеа концертите во Радовиш, Кавадарци, Гевгелија, Скопје, Струга, Струмица, Кочани и во регионот, Загреб, Белград, Лесковац и Софија.

Последната генерација на квартетот концертната дејност ја продолжи и оваа година со концерт во Михајлово, Кавадарци за време на летниот музички камп по флејта, хорна и труба, потоа концерт во ОМБ „Боро Џони“ во Струмица, НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, Музејот на македонската борба во Скопје и концерт во рамките на манифестацијата Денови на европско Скопје во организација на Дирекцијата за култура и уметност –Скопје како и со концерт на овогодинешното издание на „Скопско лето 2022“. Значајно е да се спомене дека квартетот „Аулос“ се ексклузивци на
Музичка младина на Македонија преку што бележат уште многу значајни концерти. Ми.М.