На концертот „Филхармонија на кирилица“, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот, нема да настапи македонската пијанистка Нина Костова, која го откажа својот настап поради здравствени причини. Сите што имаат купено билети за првичната програмата на овој концерт, а не сакаат да присуствуваат на променетиот концепт, може да ги вратат на билетарницата на Филхармонијата. Поради краткото време за наоѓање друг солист, на овој концерт ќе биде изведена само симфониска музика и ќе оди во еден дел без пауза.
На програмата останува Симфонијата бр. 2 во Це-мол, оп. 29, оркестарско дело што одамна не прозвучело на нашата музичка сцена. Рускиот композитор Александар Скрјабин (1872-1915) бил музички гениј, филозоф, мистик и езотерик. Верувал во духовно божество што го водело додека ја создавал својата музика со која сакал да го трансформира светот. Создал индивидуална филoзофска концепција чија симболика во себе ја носат сите негови дела создадени по романтичарската фаза, особено неговите симфонии. Симфонијата бр. 2 во Це-мол, оп. 29, Скрјабин ја пишувал во периодот помеѓу 1901 и 1902 година. Во неа романтизмот е движечка сила, но наедно може да се почувствуваат и навестувања на мистични и трансцендентални мотиви, кои ќе станат доминантни во неговиот подоцнежен музички опус.
На програмата е и увертирата од операта „Хованшчина“ од рускиот композитор Модест Мусоргски, напишана во периодот меѓу 1872 и 1880 година, која носи поднаслов „Национална музичка драма“. Операта е позната по длабокиот емоционален сензибилитет типичен за опусот на Мусоргски, иновативната употреба на фолклорните елементи и претставува живописен портрет на руското општество.
Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20-годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и „Ѓорѓи Божиков“ – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија. Во 2000-2001, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент. Еден од најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера „Дон Џовани“ во Кралскaта оперска школа.