Oркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот за деца насловен „А Zoo Called Earth“, денеска, во 12 часот. Диригент е Ангел Спировски, а како солисти ќе настапат пијанистките Ивана и Ана Мазнејкови. На програмата се „Карневал на животни“ од К. Сен-Санс и „А Zoo Called Earth“ од П. Шикл. Режисерка е Тамара Стојаноска, аниматор е Бобан Алексоски, а визуализацијата и анимацијата се на Иван Коминовски. Концертот се реализира во соработка со театарот „Златен Елец“ од Скопје.
Приказната е за еден магионичар што понекогаш е кловн, но секогаш – чувар на нашата планета. Заедно со оркестарот на Филхармонијата и еден „вонземјанин“ ќе ги поведат најмладите на магично музичко патување со „Карневалот на животните“од К.Сен-Санс и „А Zoo Called Earth“ од П. Шикл. Преку многу музика, интеракција и анимација, децата ќе учат за животните и за природата и ќе се потсетат колку е важно да ја чуваме и сакаме нашата планета Земја!