Таен премин е откриен во близината на главниот влез на Големата пирамида во Гиза, стара 4.500 години, во Египет. Преминот има должина од девет метри и повеќе од два метра ширина, се вели во соопштението на Министерството за антиквитети.
Откритието беше дел од проектот „Скенпирамидс“, лансиран во 2015 година како соработка помеѓу големите универзитети во Франција, Германија, Канада и Јапонија и група египетски експерти.
Археологот Захи Хавас, поранешен министер за антиквитети на Египет, го предводи комитетот што го надгледува проектот, кој користи напредна технологија за да ги визуализира скриените делови од внатрешноста на пирамидата без да мора да ја ископува.
Преминот беше откриен со помош на мионска радиографија со космички зраци. Фотографиите на коридорот со засводен таван беа снимени со ендоскопска камера вметната помеѓу мали празнини во камењата на пирамидата.
Изградена пред околу 4.500 години, има три познати одаи, а како и другите пирамиди во Египет била наменета како гробница за фараонот.
– Постои голема можност тунелот да штити нешто. Според моето мислење, тој ја штити вистинската погребна одаја на кралот Куфу – изјави Хавас.
Во 2017 година, „Скенпирамидс“ го објави откривањето на празнина со големина на патнички авион, првата голема структура пронајдена во Големата пирамида од 19 век.