Концертот на „Дуо“ (виолина – клавир, Србија), кое го сочинуваат Јован Богосављевиќ, виолина, и Бојан Младеновиќ, на пијано, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во НУЦК „Антон Панов“. Концертот е во рамките на второто издание на фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“.

Јован Богосављевиќ е водечки српски виолинист на својата генерација. Како солист одржа над илјада концерти низ светот, учествувајќи на голем број значајни музички фестивали. Покрај богатиот репертоар за виолина, како солист ги изведе повеќето од најпрестижните и најпребирливи концерти за виолина и оркестар во соработка со врвни диригенти. Додека Бојан Младеновиќ (1983) дипломирал во 2007 година, а специјализирал во 2013 година на Катедрата за пијано на ФМУ во Белград. Неговата интензивна уметничка активност првенствено се рефлектира во многу чести јавни настапи во земјата и во странство, голем број рецитали на камерна музика, потоа самостојни изведби, како и во форма на концерти каде што учествува како корепетитор или член на оркестарот.

Второто издание од фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2023“, на кој најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика, се одржува до 9 јуни на неколку локации во Струмица. Годинава има гости уметници од Словенија, Србија и од Бугарија, како и наши познати камерни состави.