Дебелите луѓе имаат значително поголем ризик да развијат ментални болести. Ова се однесува на сите возрасни групи, при што жените страдаат од повеќето болести почесто од мажите, според една неодамнешна студија на Медицинскиот универзитет во Виена. Дебелината погодува повеќе од 670 милиони луѓе низ светот. Веќе е опширно истражено дека болеста предизвикува метаболички нарушувања и остава сериозни кардиометаболички последици, како што се дијабетес мелитус, артериска хипертензија и нарушување на метаболизмот на липидите.

Како дел од студијата, истражувачкиот тим анализираше збир на податоци за сите болнички престои од 1997 до 2014 година и откри дека дијагнозата на дебелина значително ја зголемува веројатноста за широк спектар на ментални нарушувања, вклучувајќи депресија, зависност од никотин, психоза, анксиозност, нарушувања во исхраната и личноста. Резултатите ја нагласија потребата за издигање на свеста за психијатриските дијагнози кај дебелите пациенти и доколку е потребно, консултација со специјалисти во рана фаза на болеста. Досега лекарите погрешно претпоставуваа дека психофармаколошките лекови се причина за поврзаноста помеѓу менталниот стрес и дебелината, како и дијабетесот.
– Тоа може да биде точно за шизофренијата, каде што го гледаме обратниот хронолошки редослед, но нашите податоци не покажуваат дека тоа е точно за депресијата или другите психијатриски дијагнози – рече авторот на студијата, Александар Кауцки, од Клиниката за психијатрија и психотерапија.
Меѓутоа, сè уште не е потврдено дали дебелината директно влијае на менталното здравје или можеби раните фази од развојот на менталните нарушувања не се препознаваат навреме.

Додека 16,66 проценти од сите дебели мажи исто така страдаат од зависност од никотин, само 8,58 проценти од жените зависни од никотин се дебели. Во случај на депресивни болести, ситуацијата е обратна. Стапката на дијагностицирани депресивни епизоди била речиси трипати поголема кај дебели жени (13,3 проценти дебели, 4,8 проценти не се дебели), додека зачестеноста на болеста кај дебелите мажи била двојно поголема (6,61 проценти дебели, 3,21 проценти не се дебели). Студијата потврди дека дебелината често им претходи на сериозни психолошки нарушувања, особено кај младите, каде што ризикот е најизразен.