Од вечерва, во 20 часот, па сѐ до 29 октомври, во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ за љубителите на постмодерната уметност ќе биде претставен проект–инсталација во простор на уметничката група „Колектив ЗЕРО“, формирана во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на старата скопска чаршија. Станува збор за проектот „Nomen est Omen“, рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Македонија и пошироко. Членови на групата се: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).
Колективот во 1980-тите години претставуваше парадигма за вонинституционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна.
– „ЗЕРО“ има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, не без едно тегобно романтичарско чувство. Колективот во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција – се вели во најавата.