Бугарскиот театар „Иван Вазов“ во Скопје

Годинашниот меѓународен театарски фестивал „Скупи“ заврши деновиве во Албанскиот театар во Скопје со гостување на театарската претстава „Орфеј“, во изведба на актерите од народниот театар „Иван Вазов“ од Софија. Режисер и автор на драмското дело е светски познатиот словенечки режисер Јернеј Лоренци, носител на европската театарска награда „Премио“ за 2017 година, а скопската публика имаше можност да ги види големите имиња на бугарскиот театар и кино: Александра Василева, Билјана Петринска, Владимир Пенев, Дарин Ангелов, Дејан Донков и другите ѕвезди од маестралната трупа на најголемиот и најпознат театар во Бугарија, инаку еден од омилените на нашата публика, кој гостувал повеќепати на фестивалот „Млад отворен театар“ во Скопје и секогаш ја одушевувал публиката. Партнер на меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ е бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.
Некако во исто време во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките (БАН) во Софија се отвори изложбата „105 години Требениште“, на чие отворање присуствувале и функционери и претставници од институциите на трите држави, Македонија, Бугарија и Србија. Меѓу археолошките предмети што потекнуваат од Требениште најпознати се погребните златни маски, но изложени се и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато. Оваа меѓународна изложба е уникатна по наодите што го претставуваат животот покрај Охридско Езеро од 6 до 4 век пред н.е. Во поставката се и златните маски што се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, и кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно. Изложбата е резултат на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на Македонија – Скопје и Заводот и музеј – Охрид.

Изложбата за Требениште во Софија

– Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави – изјавила директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, Славица Бабамова, на отворањето и додала дека изложбата е резултат на макотрпната и посветена заедничка работа на експертите и професионалците од музеите на трите држави.
На отворањето говореле и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, директорите на музеите од Софија, Христо Попов, и од Белград, Бојана Борич-Брешковиќ, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, и државниот секретар во Министерството за култура на Србија, Миодраг Ивановиќ.
Овие два културни настана, иако независни еден од друг, се показател дека културата може да се издигне над политиката и се доказ за одлична меѓусоседска соработка што е од значење за регионот и за Европа.
Во пресрет на изложбата, заменик-министерот за култура Даим Лучи во Софија се сретнал со заменик-министерот за култура на Бугарија, Чавдар Георгиев, а на средбата биле потенцирани токму овие релации.
– Изложбата ни покажа колку е вредна нашата соработка во регионот зашто преку артефактите презентирани овде, на меѓународната заедница ѝ претставуваме целосна успешна приказна за еден исклучителен локалитет што зборува за цивилизацијата на ова тло во шестиот и петтиот век пред нашата ера – изјавил заменик-министерот Лучи.
На средбата тој додал дека „ова е пример како со соработка можеме да направиме нешто за пример во регионот и во европски рамки“, а станало збор и за искуствата околу организирањето на овој комплексен проект што се реализира во трите држави, како и за традиционално добрите односи во културата меѓу двете земји.

Програмата за соработка меѓу Македонија и Бугарија, која е темелен акт за интензивна комуникација во овој ресор, а се потпишува меѓу двете министерства, е обновена во 2022 година. Било потенцирано дека за континуитетот во билатералните односи во културата голема заслуга имаат културно-информативните центри, македонскиот во Софија и бугарскиот во Скопје, кои се средиште на многубројни настани од сите области што ги поврзуваат културите на двете земји. Заменик-министрите за култура на двете земји разговарале и за иницирање соработка меѓу Пловдив и Скопје пред претстојната манифестација „Скопје – европска престолнина на културата“, по успешните искуства што ги имаше Пловдив пред пет години.
Покрај оваа изложба, постојат уште многу успешни примери, како што се: соработката во хорската дејност, соработката во визуелните уметности и повеќето изложби низ градови во Бугарија, соработката во музичката дејност со учество на фестивали од различни жанрови, учеството на бугарски поети на Струшките вечери на поезијата, многубројните преводи на книжевна дела на двата јазика и поттикнувањето на творештвото, цврстите врски што се постигнати во театарската и во филмската уметност, кои поттикнуваат меѓународна презентација на уметноста на двете соседни земји. В.Д.