Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија го објави четвртиот награден литературен конкурс „Раскажувам фотографија“. Секој петок на ФБ-страницата на Фондот на холокаустот се објавуваат по една фотографија и тема за кои авторите треба да добијат инспирација и да напишат расказ. Оваа година ќе има вкупно седум теми и фотографии, а најдобрите три ќе добијат парична награда.
Темата треба да биде поврзана со животот на Евреите во Македонија. Фотографијата ќе биде лајтмотив за расказот, а во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото. Прифатливи ќе бидат раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази што придонесуваат за соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција.