Изложбата „Пикасо можеби јас“, во чест на Пикасо, на македонскиот керамичар Филип Фидановски е поставена во галеријата на „Керамеикон К10“, најави „Керамика мултиплекс 2024, Керамеикон“ – друштвото на керамичари на Хрватска.
Изложбата ќе трае до 5 јуни. По успешните претставувања во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и во Куманово, изложбата „Пикасо можеби јас“, овој пат дополнета со нови дела изработени во 2024 година, ќе биде претставена пред хрватската јавност, која ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо. Изложбата се реализира со финансиска подршка на Министерството за култура.
Филип Фидановски е роден во Скопје во 1977 година. Во 1996 година завршува средно уметничко училиште во Скопје, во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров. Своето образование го продолжува во Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија, каде што во 2004 година магистрира на катедрата за керамика, во класата на професорот Красимир Џидров. Од 1995 година до денес има реализирано 23 самостојни изложби, над 50 групни и жирирани изложби, има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на пет награди. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметите Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот 2003-2010 година е доцент на Факултетот за ликовни уметности – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, во 2002-2006 стручен соработник во Музејот на Македонија, одделение за едукација, во 2002- 2003 работи во ателјето за музејски копии при Музејот на Македонија, 2019-2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020- 2021 е директор на уметничкото училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, во 2020-2022 е претседател на комисијата за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија, во 2023 година е член на комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура на РС Македонија. Автор е на прирачник за изведување настава по ликовно образование, како и на практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за трето и петто одделение во основното образование. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од областа на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор.