Со поднаслов византиски корени во современиот ликовен израз синоќа во музеј-галеријата во Кавадарци беше отворена самостојна изложба на познатиот македоснки ликовен уметник Петар Попчев под наслов „Кружни церемонии“ која предизвиа голем интерес во кавадаречката културна јавност
– Во своите дела Попчев ги обединува модерниот уметнички јазик, апстракција и симболиката со традиционалните, културни и духовни елементи од византиската уметност. Тие имаат длабоко духовно значење, но истовремено и рефлекција на човековото постоење во современото општество. Во контекст на сѐ поголемата секуларизација и глобализација, Попчев се обидува да ги врати духовните вредности на секојдневниот живот преку својата уметност. Тој го прави ова на начин кој не е само естетски убав, туку и длабок и невообичаен. Овој спој создава уникатенн визуелен јазик, каде што се комбинираат светлите и богати бои, декоративни мотиви и геометриски форми, типични за византиската традиција, со современатта експресивност и слобода на апстракцијата. Петар Почев често ги употребува византиските златни позадини, фрагменти на христијанската икона, глаголицата и светите форми, но ги изразува на начин кој е многу поблизу до апстрактните експресии во кои е доминантна вертикалноста на формата и просторот. Преку користењето на византиските симболи и облици не создава само копии на минатото туку ги реинтерпертира и ги пренесува во современ контекст. На овој начин тој ги оживува древните симболи, давајќи им нова динамика и значење. Исто така симболите се основен елемент во неговите слики- тие имаат трансцедентален карактер и се користат за да го пренесат божествениот свет во секојдневниот живот. Обликот е претставен не само како точни структури, туку и како израз на чувства, емоции и контексти кои ја истражуваат духовноста и културното наследство од нова перспектива со што се создава интересна динамика помеѓу традицијата и современото уметничко изразување. Боите во неговите дела се исто така клучни за разбирање на неговата симболика. Најчесто се топли, златни, црвени и сини со што внесуваат елементи на контраст и истакнатост како и емоционален интензитет. Неговите дела можат да бидат толкувани како размислување за светлината и темнината, животот и смртта, земното и небесното – рече во своето обраќање на отворањето на изложбата историчарот на уметноста Трајче Цветков од музеј-галеријата во Кавадарци.
Инаку Попчев е член на Друштвото на ликовни уметници за применета уметност на Македонија од 1980 година, а студиски престои има остварено во Франција, Германија, Италија, Турција, Русија, Грција и други земји. На пошироката јавност ѝ е познат по илустрациите во списанието Детска Радост каде работел до 1984 година, потоа како ликовен педагок во средно училиште и од 1994 година живее и работи како слободен уметник.