По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во организација на Националната галерија на Македонија, денеска, во 14 часот, во објектот „Чифте-амам“ ќе биде претставен проект. Станува збор за изложба со наслов „Креативен код“. Во рамките на својата годишна програма, едукативното одделение на Националната галерија со години организира голем број едукативни проекти посветени на ранливите категории.
Во проектот „Креативен код“ учествуваа децата од државниот училиштен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ заедно со учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, паралелката по меѓународна матура, и студентите од Машинскиот факултет, отсек индустриски дизајн. Темата беше шума. Низ работилниците, вредните раце на креативците најнапред изработија скици на зададената тема. Готовите скици на „волшебната шума“ добија тридимензионална форма на скулптури со поддршка на студентите од Машинскиот факултет, отсек индустриски дизајн. Современата опрема и технологија што ги поседуваат машинците ни ги ставија на располагање и ги испечатија дрвцата со 3Д-печатачи во просториите на факултетот. Искуството беше одлична можност за осознавање нова технологија и стекнување нови вештини. На свеченото отворање на изложбата, настанот ќе биде збогатен со инклузивен музичко-визуелен перформанс на инструменталистите од ансамблот за народни игри и песни „Танец“, учениците од насоката за традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, перкусионистот и визуелен уметник Влатко Митев и децата од државниот училиштен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“.