фото: Пиксабеј

Глобалната потрошувачка на јаглен оваа година ќе биде најголема досега, и доколку не се интензивираат напорите за транзиција кон економии со ниска потрошувачка на јаглерод, таа ќе остане на слично ниво во следните неколку години, соопшти денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Високите цени на бензинот по руската инвазија врз Украина и прекините во снабдувањето доведоа до тоа некои земји годинава да се свртат кон релативно поевтиниот јаглен.

Топлотните бранови и сушите во некои региони, исто така ја зголемија побарувачката за електрична енергија и го намалија производството од хидроцентралите, додека производството од нуклеарните централи беше исто така многу слабо, особено во Европа каде Франција мораше да ги затвори нуклеарните реактори заради одржување.

Годишниот извештај на ИЕА за оваа година предвидува раст на глобалната употреба на јаглен за 1,2 отсто, над осум милијарди тони, ниво што е постигнато за прв пат во една година. Претходниот рекорд беше поставен во 2013 година.

Исто така, се проценува дека потрошувачката на јаглен ќе остане непроменета на тоа ниво до 2025 година, бидејќи падот на потрошувачката на развиените пазари се компензира со континуираната силна побарувачка во азиските економии во развој.

Ова значи дека јагленот ќе продолжи да биде убедливо најголемиот единствен извор на емисии на јаглерод диоксид во светскиот енергетски систем.

Најголем раст на побарувачката на јаглен се очекува во Индија и тоа од седум отсто, потоа Европската унија со високи шест отсто и Кина со раст од 0,4 отсто.

– Светот е блиску до врвот во употребата на фосилни горива, со јагленот на пат да биде првото фосилно гориво кое ќе се намали, но сè уште не сме таму – изјави Кеисуке Садамори, директорот за енергетски пазари и безбедност на ИЕА.

Побарувачката за јаглен во Европа скокна поради растечкото преминување од гас на јаглен поради високите цени на гасот и откако руските испораки беа драстично намалени.

Но, до 2025 година, европската побарувачка на јаглен се очекува да падне под нивото од 2022 годинасе вели во извештајот.

Глобалното производство на електрична енергија од јаглен се очекува да порасне на ново рекордно ниво од околу 10,3 терават часови оваа година, додека производството на јаглен се предвидува да се зголеми за 5,4 отсто на околу 8,3 милијарди тони, исто така на рекордно ниво.

Се очекува производството да достигне врв следната година, но до 2025 година би требало да падне под нивото од 2022 година.

Трите најголеми производители на јаглен – Кина, Индија и Индонезија – соодветно ќе постигнат рекордно производство оваа година, но и покрај високите цени и добрите маржи за производителите на јаглен, нема знаци за зголемени инвестиции во проекти за извоз на јаглен.