Изложба „Случајни средби“ во Прилеп

Во Ликовната галерија во Прилеп до 28 јули ќе биде поставена изложбата „Случајни средби“ на Дијана Томиќ-Радевска.

Случајните средби, поточно состојбите на кои случајно налетувала и посакала да ги овековечи Дијана Томиќ-Радевска, иако изгледаат токму така: случајно, во себе го содржат скриеното чувство за припадност на слична, блиска, недефинирана групација на луѓе, распространети насекаде низ светот. Недефинираното, но јасно изразено чувство е видливо и во описите што ги дава авторката, како и во групирањето на графичките листови и цртежи:

– Играчи со оган – баскери – Нивната радост во изведувањето, перформансот како стил на живот, безгрижноста во номадскиот стил на живот и прашањето на припадност или неприпадност. Прашањето за релативноста на задоволството, на несигурноста и моќта на слободата.

– Чуварите на богатството – Оние невидливи кустоси во музеите што расправаат за уметноста живеејќи со најголемите дела на уметноста. Карактеристичните ликови што ме испровоцирале низ карактеристична композиција, физикус, посветеност во разговорот и нивната искреност во почитувањето на уметностите.

– Вистински Французин – Одредени портрети поврзани со доживеана комуникација. Потеклото и припадноста, дали е тоа суштествено во односот човек – човек. Антрополошки препознатливи карактеристики што се менуваат испреплетувајќи ги датотеките на сопствените корени.

– На улиците – Сцени од улиците, минувачи, моја слободна фантазија за припадноста и убавината на движечката енергија. Оние што се бунтовници по став, оние што се страдалници и кои се на улиците не по своја волја.

– Под земја – Сцени од метро-станици и оние што голем дел од денот (животот) го поминуваат под земја, патувајќи, чекајќи. И тука се случува испреплетување на јазиците, културите, знајни и незнајни и на крајот, истите тие туѓинци делат слични судбини.

– Нови генерации – Фигури и ликови што се фотографирани во галериски простори како загрижени набљудувачи, но во мојата композиција тие стануваат дел од уметничкото дело или инсталација.

Дијана Томиќ Радевска (1961), Скопје, е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт-инсталација, арт-видео. Посветена е на графиката и низ класични техники ѝ дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графиката.

Дипломирала во 1984 година на Одделот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје. Членка е на ДЛУМ од 1985 година. Реализирала многубројни групни и самостојни изложби и студиски престои. Работи и има статус на самостоен уметник.