Групна изложба во Галеријата на МКЦ
Изложбата „Mлада уметност“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Галеријата на МКЦ. На изложбата ќе учествуваат младите уметници: Стефан Анчевски, Јоана Арсовска, Тамара Блажевска, Елена Гелева, Ивана Ивановска, Зафир Јованов, Методија Јованов, Павел Јовановски, Дурмиш Ќазаим, Ваџит Ќерими, Саре Ќерими, Давор Ќешкец, Ана Костовиќ, Петар Миљковиќ, Ивана Мојсовска, Сандра Нау, Доротеј Нешовски, Симона Новаковиќ, Ивона Петрова, Мартина Спасовска, Олимпија Камчева, Ана Тодоровска, Никола Тренов, Риџет Ферати и Димитар Чакар.
– Групната изложба „Млада уметност“ осветлува посебен дел од ликовниот пејзаж на современата уметност во Македонија. Изложените дела овозможуваат мал преглед на иновативните таленти на младите македонски уметници, а наедно даваат и нова перспектива за креативното изразување на младите уметници од нашата земја. Изложбата обединува една необична хетерогена група на млади уметници; сите учесници се на возраст до 35 години. Заедно излагаат познати уметници со завршени специјалистички студии и веќе остварени самостојни изложби, кои подолго време се членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, и други, кои се на почетокот од својата уметничка кариера и сѐ уште се студенти на разни ликовни академии и школи. Ваквата разноликост на учесниците ја потенцира важноста на групните изложби – вели професорот Кирил Пенушлиски.
Со самото поставување дела од разни автори во еден заеднички простор, изложбата „Млада уметност“ потхранува дијалог меѓу уметници што живеат и творат во ист социјално-културен предел. Тој заеднички простор сега е плодно поле за размена на идеи, искуства, инспирации, за менторство и колаборација. Со тоа, Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје станува динамично изложбено место, каде што индивидуалната креативност е потенцирана од колективната енергија на претставените дела.
– Истовремено, изложбата „Млада уметност“ служи и како платформа за овие млади таленти да добијат поголема видливост во средината во која живеат и работат, да допрат до една поголема и поширока публика и да се поврзат со веќе признаени, етаблирани фигури во уметничката заедница. Во денешниот современ и брз свет, каде што уметничкото изразување постојано еволуира, младите уметници се оние што ја имаат клучната ролја во поместувањето на границите и во преиспитувањето на веќе воспоставените и општо признаени уметнички конвенции. И покрај тоа што изложбата го „слави“ колективниот дух на младите македонски уметници, таа истовремено ја почитува и индивидуалноста на секој учесник. Тоа е очигледно кога ќе се земат предвид разните техниките со кои се изведени изложените дела (масло, акрил, дигитални илустрации, колаж, пастел, акварел…) и темите што ги обработуваат.
Оттаму, слободно може да кажеме дека оваа изложба не само што ни покажува дека овие млади таленти ја збогатуваат македонската уметничка сцена туку истовремено тие поставуваат и нови критериуми за уметничка иновација. Дополнително, изложбата го навестува и влијанието што младите уметници ќе го имаат, или веќе го имаат, врз развојот на современата уметност кај нас – вели професорот.
„Млади уметници“ е посебна можност за љубителите на уметноста на едно место да го видат појавувањето на новите уметнички гласови. Изложбата ги повикува да се поврзат со иднината на уметноста во Македонија и дава еден мал поглед во имагинативните и прогресивни идеи што ќе го оформат нашиот уметнички свет во следните години. В.Д.