Вечерва од 19.30 ч. во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Псалми“ од Венко Цветков од Штип. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура и е во годишната програма за работа на Центарот.

Цветков пред прилепчани ќе с епретстави со дела кои се базираат на постмодерен синтетички ликовен слог при што тој зема примери од сликарството на германскиот
сликар Сигмар Полке.

– Синтезата ја структуира така што во визуелниот контекст вклучува елементи од средновековното македонско сликарство. Полето на неговиот интерес е концептот на
христијанството во кое нема конфликт помеѓу популарната култура и духовното
размислување. Делата на Цветков се повикуваат на иконографијата на православното
сликарство како и псалмите од светото писмо, а тоа е интерпретирано во потполно нов
духовен, односно мистичен начин – вели м-р Матеј Мтетликовиќ, академски сликар.

Цветков со изложбата израснува во „праведник на формите отелотворени од библиската поетика“ и со својот раскошен талент создава предизвик за секој познавач на средновековната ликовна практика, видлива во социјативните насоки на неговата творечка визија. Тестамент за безвременската убавина на византоликите колоратури, изложбата на Венко Цветков самата по себе е стихувана панорама на визуелни парадигми инспирирани од мегапотентниот вруток на библиските епови – вели проф. д-р Елизабета Димитрова.

Венко Цветков завршил Виша педагошка академија во Скопје во 1976 година кај
проф. Спасе Куноски. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во
1984 година кај. проф. Киар Мешко. По завршувањето на студиите во Љубљана се враќа во Македонија и работи како реставратор на средновековно сликарство и истовремено активно твори во областа на современото сликарство. По 2007 година работи како професор во СУ „Лазар Личеноски“ од каде во 2022 година заминува во пензија. Покрај самостојното уметничко творештво интензивно работи и на отсликување на православни храмови во Македонија Ка.М.