Отворено 64. „Охридско лето“
Литванскиот виолинист со светско реноме Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија приредија незаборавна вечер за публиката на „Охридско лето“ во Античкиот театар, отворајќи го 64. фестивалско издание. Претседателката на државава Гордана Силјановска-Давкова, која е и покровител на фестивалот, прогласувајќи го за отворен, рече дека градот Охрид, покрај тоа што е природен споменик, пред повеќе од шеесет години токму со раѓањето на фестивалот доби и културен споменик.
– Сведоци сме на богата програмска историја, плејада врвни уметници, многубројни заслужени плакети за разбирање и соработка, дружење со посветени мисионери на културата. Колку ли национални уметнички вечери се одржале, колку ли музички и театарски кариери се крунисале? Колку ли слушатели и гледачи се израдувале? Колку ли срца се скршиле? Колку ли френетични аплаузи одекнувале – потсети претседателката Силјановска-Давкова.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека една од главните карактеристики на модерното општество е неговата идентификација преку културата.
– Овој фестивал претставува временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат овде и само овде, во древниот Охрид. Тој како никое друго место на светот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нѐ поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечната уметност – рече Љутков.
Уметничката порака годинава од сцената на Античкиот театар ја пренесе Владимир Костов, еден од најпознатите и најдобри македонски виолинисти.
– Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во уметничката едукацијата и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество. Токму затоа е важно да ја препознаеме нејзината сила и да ја поттикнеме преку цврсто изграден систем на вредности да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент што ќе му пркоси на шундот и кичот – порача виолинистот Костов.
Шеесет и четвртото „Охридско лето“, по традиција беше отворено со интонирање на фестивалската химна напишана од композиторот Томислав Зографски и со палење на фестивалскиот оган. До 20 август, љубителите на културата ќе уживаат во 36 уметнички настани, од кои 25 од областа на класичната музика, шест театарски претстави, едно стенд-ап шоу и по една изложба и промоција на книга. Роденденскиот концерт годинава му е отстапен на салса-ансамблот „Меркадонегро“, а во дополнителната програмата ќе настапи македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски. В.Д.