Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Азно“, со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата, вечерва, од 20 часот. На роденденскиот концерт, како солист ќе настапи Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов. Солистка е и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и П.И.Чајковски.
Како многу други концерти што ги напишал Јохан Себастијан Бах, така и Концертот за виолина и обоа во Де-мол претставува адаптација, односно транскрипција на концертите што ги напишал за чембало. Концертот ја следи типичната италијанска барокна структура: има три става, брз-бавен-брз. Во него можат да се забележат и други инспирации од италијанскиот барок – креирањето мелодии во стилот на арија и силниот ритмички пулс. Виолинскиот концерт во Ге-мол е најизведуваното и најпознато дело на германскиот композитор Макс Брух (1838 – 1920). Концертот за виолина и оркестар во Ге-мол е создаден во 1866 година, а премиерата се одржала под диригентство на композиторот. Петтата симфонија во Е-мол (1888) на рускиот композитор Петар Илич Чајковски е своевиден филозофски автопортрет и во неа најсилно се изразени индивидуалните мисли и чувства и неговите апокалиптични сфаќања за животот.

– Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент сер Јехуди Мењухин, Кирил Трусов денес важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Интернационалната јавност ја опишува неговата изведба како импресивно елегантна, со неверојатна техника и исклучително чувство и музичка сензуалност да ја извлече скриената убавина на делата што ги свири… Кирил Трусов е редовен гостин на престижните светски сцени и на најпознатите музички фестивали. Соработувал со познати диригенти, како сер Невил Маринер, Владимир Федосејев, Даниеле Гати, Лоренс Фостер, Михаил Јуровски, Дејвид Стерн, Кристоф Попен, Владимир Спиваков, како и со најдобрите симфониски оркестри во светот. Неговата пасија кон камерното музицирање му носи соработки со уметници како Сол Габета, Јуџа Ванг, Даниел Хоуп, Џошуа Бел, Јури Башмет, Миша Мајски, Џулијан Рахлин… Неговата турнеја низ Азија, спектакуларната изведба на „Би-би-си промс“, како и неговата активност во жиријата на најпознатите музички натпревари се само некои од најзначајните активности на Трусов во последните неколку сезони. Кирил Трусов свири на виолина „бродски“, изработена од Антонио Страдивари во 1702 година, на која познатиот виолинист Адолф Бродски премиерно го извел Виолинскиот концерт на П.И.Чајковски во 1881 година – велат од Филхармонијата.

Гордана Јосифова-Неделковска како солистка настапува со многу значајни оркестри како Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот „Кими синфониета“ од Финска, оркестарот на „Вилах филхармонија“ од Австрија…Од големо значење е поканата од страна на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска да настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.
Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар, како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во музичкиот центар „Кауфман“.