Разговори за македонската литература во превод

Вечерва, со почеток во 20 часот, во културниот центар „Јадро“ ќе се одржи промоцијата на студијата „Сите драјвери вклучени; извештај (факти, анализи и препораки) за македонската литература во превод (2015-2020)“, како и разговор за македонската литература во превод. На разговорот ќе учествуваат Роберт Алаѓозовски (автор на студијата), Вил Фирт (преведувач од англиски на македонски јазик), Дејан Трајкоски (писател, уредник, преведувач и директор на фестивалот „Про-за Балкан“) и Фросина Пармаковска (писателка). Разговорот ќе го води писателот и уредник Владимир Јанковски.
– Студијата „Сите драјвери вклучени!“ претставува пресек, скенирање на состојбата во полето на книжевните преводи и објавувањето литература од автори што пишуваат на македонски јазик на другите европски јазици. Таа треба да го дополни недостигот од анализи и истражувања врз база на податоци и факти во полето на издаваштвото. Тоа е значајна културна област и за високите уметнички вредности на еден народ и на една држава и за одржувањето на интеркултурната комуникација и соработката меѓу европските земји и, за жал, за занемарените аспекти на една, макар и мала, културна индустрија. Студијата ги анализира концептите и „природата“ на книжевното творештво, каналите и механизмите преку кои се одвива процесот на преведување и публикување преводни книги од македонски јазик, ги анализира типот на издавачи и нивниот интерес, културните политики и механизми на поддршка, како и улогата на авторите, преведувачите, уредниците и книжевните агенти во процесот – велат авторите.
Студијата е изработена во рамките на проектот „Балкан транслејтор колидер“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Проектот се реализира под водство на фондацијата „Некст пејџ“ од Софија, а во соработка со партнери од регионот на Западен Балкан: „Поетека“ (Албанија), „Готен“ (Македонија) „Аргх!“ (Србија), „Сандорф“ (Хрватска), Секретаријатот за култура и спорт – Подгорица (Црна Гора).
– Во разговорот, освен за резултатите од студијата, ќе се разговара за состојбата во која се наоѓа објавувањето македонски автори во странство, кои се позитивните трендови од последните години, кои се слабостите во овој процес, а ќе се дискутира и за тоа што треба да се направи за да се зголеми присуството на македонската литература во странство – се вели во најавата.
Сите присутни на настанот ќе имаат можност да добијат бесплатен примерок од студијата „Сите драјвери вклучени!“
Присуството на Вил Фирт е во рамките на резиденцијалната програма на проектот „Превод во движење“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.