Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го изведе концертот насловен „Манфред“, на кој како солистка ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В. Бетовен.

Подемот на Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други. Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка.

– Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носат и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската и Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија… Покрај тоа, Сајака Шоџи редовно одржува и рецитали, но и камерни концерти заедно со Вадим Репин, Ланг Ланг, Итамар Голан, Јефим Бронфман и Стивен Исерлис. Во меѓувреме наоѓа и простор за учество на повеќе фестивали во Европа и во Јапонија. Настрана од големиот број концертни активности, Шоџи во 2007 година го претставува експерименталниот визуелно-музички проект „Синтезија“, ликовни уметнички дела и видеодела. Љубовта кон визуелната уметност на оваа виолинистка доаѓа директно од нејзиното семејство, односно од нејзината мајка, која била позната сликарка во Италија – велат од Филхармонијата.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонијата. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите.