Меѓу новитетите од 2024 година, галеријата „Пионери“ го најавува почетокот на новиот циклус настани со наслов „А фенси ивнинг афеар“. Изложбата ќе опфати мали презентации на делата на уметниците и ќе им даде можност на присутните да се запознаат со уметникот, да уживаат во нивната работа и да споделат прекрасна вечер со чаша шампањ.
– Ве покануваме да ни се придружите на отворањето, на 28 март, во 20 часот, да се запознаеме со уметниците, Лусиана Ампева (Скопје), која ќе претстави серија уметнички дела со акрил и масло, Мила Добревска (Италија) со композиција масло на платно, Ана Јовановска (Токио) со рачно изработени графики од дрворез и Ана В’чкова (Скопје) со фотографии во комбинирана техника, масло и акварел – велат од „Пионери“.